Здружение на преведувачи и толкувачи на РС Македонија
СЕ СРЕЌАВАМЕ ПОВТОРНO, ОВОЈ ПАТ - ВИРТУЕЛНО
Со почетокот на пандемијата, Здружението на преведувачи и толкувачи ги преобликува закажаните настани во онлајн дружења, интерактивни, виртуелни искуства за своите членови и гости.
Со задоволство ве покануваме на годишната меѓународна конференција, која што оваа година ќе се одржи онлајн, на 7 ноември 2020 година, со почеток во 10:00 часот.
„На прагот на иднината: Што по 2020“
Оваа конференција е посебна од две причини. Прво, се совпаѓа со десетгодишнината од постоењето на македонското здружение на преведувачи и толкувачи (ЗПРМ), една цела деценија исполнета со успешна работа и одлични резултати. И второ, оваа година конференцијата ќе се одржи „онлајн“, со што ќе им биде достапна на учесниците надвор од нашите граници!
Овогодинешната конференција е посветена на две важни теми. Првата се однесува на претстојниот процес на европските интеграции. Улогата на преведувачите и толкувачите е исклучително важна, особено во процесот на преговори и усогласувањето со европското законодавство. Македонскиот јазик ќе биде рамо до рамо со сите јазици на ЕУ и затоа се поставуваат важни прашања: кој е корпусот на документи што ќе треба да се преведе, како да се стане преведувач или толкувач за европските институции, кои квалификации се потребни, колку преведувачи и толкувачи ќе бидат потребни и така натаму.
На оваа тема ќе зборуваат претставници на Генералниот директорат за превод и Генералниот директорат за толкување на Европската комисија, како и претставници на Секретаријатот за европски прашања при Владата на РСМ. Во овој блок ќе биде опфатено и претставувањето на магистерските студии за конференциско толкување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ кои се потпомогнати од Европската комисија.
Попладневната сесија ќе ги опфати предизвиците со кои се соочуваме, приливот на нова технологија, вештачката интелигенција и сé подобриот машински превод, кои ја доведуваат во прашање иднината на нашата работа.
Тројца истакнати предавачи од странство ќе зборуваат за она што нé очекува по 2020.
Преку прозорецот на „чет“, ќе имате можност да им поставите прашања за темите што ве интересираат. Ќе биде обезбедено симултано толкување на македонски и англиски јазик.
Срдечно,
Организацискиот одбор за конференции на ЗПРМ
КОНФЕРЕНЦИЈА 2020 год.
Осма меѓународна конференција на ЗПРМ
„На прагот на иднината: Што по 2020?“
Кога: 7 ноември, 2020 година, со почеток во 10:00 часот CET
Каде: На платформата Zoom
Поканети се: членови на ЗПРМ и гости
Видете ја ПРОГРАМАТА
Прочитајте повеќе за ПРЕДАВАЧИТЕ
УТРИНСКА СЕСИЈА
10:00 - 14:00 часот
ПРВ ДЕЛ: Македонија на патот кон ЕУ
10:00 Отворање на конференцијата - Воведно обраќање на Ана Попова Манасиевска, претседателка на ЗПРМ
10:15 – 10:30 Поздравно обраќање на Никола Димитров, потпретседател на Владата на Република Северна Македонија, Секретаријат за европски прашања
10:30 – 10:45 Поздравно обраќање на амбасадорот Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Скопје
10:45 – 11:45 „Преведувањето за Европската Унија“
Мерит-Ене Илја, директорка во Генералниот директорат за превод, Европска комисија, Брисел
12:00 – 12:15 ПАУЗА
11:45 - 12:15 „Конференциското толкување и ЕУ“
Хавиер Хернандес Сасета, шеф на Одделот за повеќејазичност и образовен развој, Генерален директорат за толкување, Европска комисија, Брисел
12:15 – 12:30 „Краток осврт на вториот циклус студии по конференциско толкување во Соработка со ГД Толкување на Европската комисија“
Проф. д-р Милан Дамјаноски, шеф на Магистерските студии за конференциско толкување, Филолошки факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје
12:30 – 13:00 „Предизвиците со подготовката на националната верзија на европското законодавство“
Слаѓана Ангелова, раководителка на Одделението за ревизија и терминологија, Секретаријат за европски прашања
13:00 – 14:00 ДИСКУСИЈА
Модератор: д-р Лукреција Маљковиќ Атанасовска, координаторка на Работната група за конференциско толкување на ЗПРМ
ПАУЗА
14:00 часот - 15:00 часот
Кратка пауза за да се освежите за попладневната сесија
ПОПЛАДНЕВНА СЕСИЈА
15:00 - 17:45 часот
ВТОР ДЕЛ: Професијата и иднината
15:00-15:30 „Трендовите, шаблоните, предвидувањата и реалноста во јазичната индустрија“
Ренато Бенинато, генерален директор на Нимџи Инсајтс
15:30- 16:10 „Влијанието на инфлуенсерите во преведувањето“
Даг Лоренс, независен експерт, вонреден предавач на постдипломските студии за превод на Универзитетот Астон и за е-бизнис на Универзитетот Ворик
16:10 – 16:45 „Преводот и локализацијата во 2020“
Естер Бонд, директорка на Истражувачкиот оддел на Slator.com
16:45 – 17:45 ДИСКУСИЈА
Модератор: Христина Дојчинова, член на Организацискиот одбор на ЗПРМ
ЗАТВОРАЊЕ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА
17:45
Завршно обраќање, Ана Попова Манасиевска, претседателка на МАТА